
Фото: Принтскрин
Ерикa Кирк, сопругата на убиениот конзервативен активист Чарли Кирк, со солзи во очите одржа трогателен говор во кој им изрази благодарност на службите за итни интервенции за нивните напори да му го спасат животот на нејзиниот сопруг по вооружениот напад на универзитетскиот кампус во Јута. Настапувајќи во пренос во живо, таа зборуваше стоејќи до празното столче на кое Чарли редовно го снимаше својот подкаст, цитираше стихови од Библијата и зборуваше за неговата посветеност кон Доналд Трамп, сенаторот Џ.Д. Венс, Соединетите Американски Држави и нивните две деца, пренесе „Би-Би-Си“.
Кирк беше застрелан за време на јавна трибина во Орем, Јута, во средата. Напаѓачот, идентификуван како Тајлер Робинсон, во четвртокот вечерта сам се предал на полицијата и бил уапсен.
Во своето обраќање Ерика испрати силна порака до, како што ги нарече, „криминалците“. „Не можете ни да замислите каков оган разгоревте во оваа сопруга. Плачот на една вдовица ќе одекнува низ целиот свет како повик за борба. Ако мислевте дека мисијата на мојот сопруг досега имаше сила, немате поим што започнавте – енергијата што сега е ослободена ќе се шири низ Америка и светот,“ порача таа.