
Фото: Принтскрин
Сојузот на синдикати на Македонија повторно предупредува на сериозната економска состојба во земјата, истакнувајќи дека повеќе од две третини од македонските работници и натаму земаат плата пониска од националниот просек. Од таму појаснуваат дека оваа состојба е показател за длабока социјална нестабилност која директно го погодува квалитетот на живот на граѓаните.
Според најновите анализи на ССМ, околу 170.000 вработени лица во државата месечно располагаат со приход кој не ја надминува границата од 30.000 денари. Тоа, според синдикатот, е далеку под износот што е потребен за задоволување на основните потреби и обезбедување на достоинствен животен стандард.
„Во Македонија во месец мај 2025 година евидентирани се 509.960 работници со пресметана и уплатена нето плата од кои 374.045 работници или 73,3% од работниците примиле плата под просечната плата, а 135.915 работници или 26,7% од работниците примиле плата над просечната плата.
Загрижува фактот што 169.082 работници, односно 1/3 или 33,1% од работниците примаат плата под 30.000 денари или под 500 евра.
Со одбивањето да се зголеми минималната плата, од страна на Владата, газдите и парламентот се прави директна штета на 169.082 работници и нивните семејства кои ниту со две плати не можат да си дозволат ниту да ги обезбедат најосновните услови за живот за своите семејства согласно вредноста на Синдикалната минимална кошница што е загрижувачки.
Во Македонија оние кои живеат добро со примања над просечната плата (функционерите, политичарите, газдите и експертите) се против зголемување на минималната плата, односно малцинството владее со мнозинството.
Функционер со 150.000 денари плата или 2.500 евра плата му кажува на работник со 24.397 денари или 400 евра плата како нема да му ја зголеми платата и како добро се живее, веројатно за да не аздиса многу работникот“, велат од ССМ.