
Организацијата Македонија2025, во соработка со македонски донатори од дијаспората, донираше современа медицинска опрема за здравствени установи во Скопје и Кочани, со цел поддршка на пациентите повредени во трагедијата во Кочани, но и за општа употреба во здравствениот систем.
Меѓу донациите е и напредниот томограф PulmoVista 500 за ГОБ „8 Септември“ во Скопје, кој ќе го подобри третманот на пациенти со сериозни респираторни повреди. Директни донатори на уредот се фамилијата Битов од Канада и Вања Јосифовски од САД.
Дополнително, беа донирани 82 PRP комплети за Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје, како и дигитален спирометар SpiroScout за Општата болница во Кочани, кој овозможува прецизно мерење на белодробната функција.
Овие донации ја зајакнуваат способноста на македонското здравство да обезбеди квалитетен третман, а заедно со обуката на медицинскиот кадар, придонесуваат кон модернизација и ефикасност на здравствениот систем. Македонија2025 им се заблагодарува на сите донатори за поддршката и останува посветена на развојот на здравството и општеството во земјата.