
Богородичниот пост, познат и како Успенски, се одбележува секоја година еден месец по празникот на светите апостоли Петар и Павле и претходи на големите празници Преображение Господово и Успение на Пресвета Богородица, кој народот го нарекува Голема Богородица. Овој пост трае две недели, од 1/14 август до 14/27 август.
За разлика од Великиот пост или Петровденскиот пост, Успенскиот не започнува секогаш во понеделник, туку неговиот почеток може да се падне на било кој ден од неделата. Иако е пократок и помалку строг од Великиот пост, сепак е построг од Петровденскиот и Божиќниот пост.
Според црковните правила, од понеделник до петок се практикува храна без масло, додека во саботите и неделите е дозволено да се консумираат вино и масло. До празникот Преображение Господово, кога се осветува грозјето во храмовите, Црквата не налага воздржување од овој плод.
На самиот ден на Преображението, верниците можат да консумираат риба, во согласност со црковниот устав.