
Фото: Принтскрин
Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагираше по повод националистичките и политички обоени скандирања што се слушаа за време на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на ФК Шкендија и Карабах, одигран на 5 август на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
„И покрај апелите од јавноста и институциите за фер и спортско навивање, од трибините се слушнаа повици за „Голема Албанија“, „Чамерија“ и „Илирида“ пораки кои се далеку од манифестирање на спортски дух и придонесуваат за поттикнување меѓуетнички поделби, ја нарушуваат меѓуетничката кохезија, а имаат потенцијал да предизвика и злосторства од омраза.
Дополнително загрижувачки е фактот што ваквите извици не доаѓале само од навивачката група „Балисти“, туку биле извикувани од дел од публиката и тоа во присуство на високи државни функционери. На натпреварот присуствувале, претседателот на Собранието, Африм Гаши, вицепремиерот Изет Меџити министерот за економија, Валон Дурмиши, како и партиските лидери Али Ахмети и Арбен Таравари и повторно ниту еден од овие високи функционери, за време на натпреварот не реагирал по повод навредувачките скандирања.
Особено е дискутабилна изјавата на претседателот на Собранието, кој од една страна вели дека не ги слушнал повиците додека бил присутен на натпреварот, а од друга страна јавно им честитал на навивачите нарекувајќи ги „достоинствен пример за националните вредности“. Овие контрадикторни ставови испраќаат опасна порака за толеранција на говорот на омраза и политичко навивање на спортски терени.
Осудата на говорот на ораза од страна на политичарите е еден од клучните фактори против ширењето на оваа појава бидејќи говорот на омраза произведува уште повеќе говор на омраза, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза“, се вели во соопштението.