
Фото: Принтскрин
Тешка трагедија се случила ноќеска во Психијатриската болница во Бардовци, каде што едно лице го загубило животот по жестока физичка пресметка меѓу двајца пациенти сместени во судскиот оддел на установата. Министерството за внатрешни работи ја потврди информацијата и објави детали за немилиот настан.
Според официјалните податоци, инцидентот се случил на 5 август околу 00:50 часот. До конфликтот дошло меѓу 35-годишниот Д.С. од Неготино и 62-годишниот И.Т. од скопското село Љубанци. За време на пресметката, Д.С. употребил стаклено шише како оружје и со него го удрил И.Т., кој по ударот веднаш изгубил свест.
Повредениот И.Т. бил итно префрлен во Ургентниот центар при клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје. И покрај напорите на медицинскиот тим, кај него во 02:20 часот била констатирана смрт.
Полицијата спроведува истрага за да се утврдат сите околности поврзани со инцидентот. Се очекува и вештачење на предметот со цел да се утврди степенот на вина и можноста за поднесување соодветни кривични пријави.