
Фото: Adora.mk
Кој беше Душко Чифлиганец?
Душко беше млад човек со големо срце и уште поголеми соништа. Бизнисмен, хуманитарец, спортист, пријател. Човек кој вложуваше во Македонија, кој го претставуваше македонското знаме со гордост каде и да се појавеше. Како амбасадор на спортот и на нашата земја, се натпреваруваше и со гордост ги посветуваше своите победи на Македонија. Toj помагаше не само преку големи донации, туку и преку лична поддршка на многу семејства и индивидуи.
Една од неговите најголеми страсти беа моторите. За него тоа не беше само хоби, туку начин да ја почувствува слободата, да го истражува светот и да ја доживее адреналинската страна на животот.
За жал, на 2 август 2025 година, за време на мото-трка во Брно, Чешка, Душко доживеа тешка несреќа. По повеќе од 24 часа борба за живот, вечерта на 3 август, почина во болница. Отиде прерано, на само 32 години, оставајќи празнина која не може да се пополни.
И во вакви моменти, кога едно младо срце престанало да чука, нормално е да чувствуваме тага, шок и сочувство. Но, за жал, сведоци сме на нешто што навистина боли… Коментари кои велат дека „кармата го стигнала“ или дека „си барал“. Да, секој има право на свое мислење, но ваквите зборови во моменти на тага се не само нечовечки, туку и понижувачки за сите нас како општество. Згрозени сме!
Душко не беше совршен, никој од нас не е. Но тој беше човек кој остави зад себе дела, а не празни зборови. Беше човек кој помагаше, создаваше и мотивираше. А да зборуваш лошо за некого што веќе го нема, значи да ја изгубиш најосновната човечка доблест, а тоа е емпатијата…
Дуле, иако не те познававме лично, знаеме дека на патеката ти беше дома. Со моторот зборуваше јазикот на брзината и слободата. Патувај шампионе, нека твојот дух вози бесконечно, таму горе каде свиоците никогаш не завршуваат.
Сочуство до неговото семејство, а нам нека ни биде лекција: да зборуваме со почит, затоа што никогаш не знаеме кога ќе дојде моментот кога и за нас ќе се зборува.