
Фото: Принтскрин
Грчките надлежни институции интензивно го истражуваат потресниот случај на смртта на малолетно девојче, кое наводно било фрлено живо во морето од сопствената мајка – алжирска државјанка која нелегално престојувала во земјата.
Како што пренесуваат грчките медиуми, вклучувајќи го и весникот Катимерини, жената првично изјавила пред полицијата дека девојчето се повредило при пад во бањата, но не побарала медицинска помош поради тоа што немала регулиран престој. Подоцна, за време на посета на плажа, сметала дека детето спие, но откако сфатила дека е сериозно повредено, во паника и страв од можни пријави и депортација, наводно решила да го фрли во морето и да побегне со другите две свои деца.
Сепак, резултатите од обдукцијата ја разоткриле вистината – девојчето починало од давење, а на неговото тело биле пронајдени повеќе траги на физичко насилство: повреди на лицето, модринки околу очите, усните и носот, како и траги по телото.
Истражните органи забрзано напредувале во случајот благодарение на снимки од безбедносни камери во атинската населба Фалиро. На нив се гледа жена со две деца и детска количка, облечена слично на осомничената. Клучна помош пристигнала и од израелски турист кој го идентификувал таксистот што ја превезувал жената со децата. Таксистот потврдил дека ги однел до населбата Патисија.
Полицијата веднаш почнала дискретен надзор на тој дел од градот, и на 1 август во раните утрински часови, околу 6:45 часот, успеала да ја лоцира и уапси жената во моментот кога повторно повикала такси.
Според првичните податоци, таткото на децата се наоѓа во Сирија. Двете преживеани деца се згрижени и префрлени под надлежност на обвинителството за малолетници.