
Фото: https://bolnicabitola.mk/
Докторка офталмолог од ЈЗУ Клиничка болница „Др. Трифун Пановски“ во Битола била уапсена под сомнение за примање поткуп, откако побарала 100 евра (околу 6.000 денари) од пациентка за да изврши медицинска интервенција, објави „Сител телевизија“.
Според достапните информации, ова не бил прв пат истата докторка да побара пари од истата пациентка. Жената, која претходно веќе се соочила со слични барања, повторно се нашла во ситуација во која ѝ бил побаран поткуп во моментот кога се обидела да закаже операција.
Пациентката веднаш ја пријавила случката во полиција. По консултација со надлежните органи, добила обележани пари кои требало да ѝ ги предаде на докторката. Денеска, при предавањето на поткупот, офталмологот бил фатен во момент на примање на парите и приведен од страна на полициските служби.