
Фото: Принтскрин
Градежните активности на големиот инфраструктурен проект „Надвозник“ во Солун, кој се реализира на познатата градска обиколница (Периферијакос), предизвикуваат внимание и одредена загриженост кај туристите кои летово планираат да отпатуваат во Грција, особено кон популарниот регион Халкидики.
Според информациите објавени од „Грик Инфо“, проектот е обемен и ќе трае до крајот на 2027 година, при што ќе опфати неколку фази долж главната сообраќајна артерија на Солун. Иако работите се одвиваат на повеќе точки, сообраќајот на обиколницата продолжува релативно нормално. На одредени делници бројот на ленти е намален од три на две, но сообраќајот не е во целост блокиран, туку се одвива со минимални забавувања, без сериозни застои.
Во текот на летната сезона, особено во јули и август, метежот останува ограничен, освен во случаи на сообраќајни инциденти или дефекти на возила. Сепак, на туристите им се препорачува да го избегнуваат патувањето по обиколницата во периодите со најголема фреквенција – утринските часови од 7:00 до 10:30 часот и попладневните од 15:00 до 19:00 часот.
Посебно внимание се препорачува во сабота околу 10:00 часот, кога се зголемува протокот на возила во насока кон Халкидики, бидејќи локалните жители традиционално патуваат кон море за викенд. На патниците кои пристигнуваат во Солун во сабота им се советува да го планираат влезот во градот во раните утрински часови, за да избегнат можни застои.
За оваа година, градежните активности ќе се концентрираат во близина на болницата „Папагеоргиу“, во близина на 87-миот километар од влезот во Грција, веднаш по исклучувањето кон Серес, Аспровалта, Кавала и Тасос, и ќе продолжат сè до излезот кон Халкидики. Ова значи дека патниците што се упатуваат кон летувалиштата долж Полуостровот ќе треба да бидат подготвени за малку подолго патување на оваа делница.
Како алтернатива, на располагање се и патишта низ градот, преку индустриската зона или центарот на Солун. Многу туристи користат улици како Егнација или крајбрежната улица Никис, кои можат да бидат солидна замена за обиколницата, особено во периоди на поголема сообраќајна густина.
И покрај градежните зафати, туристите не треба да стравуваат – Солун во август е генерално помалку населен, бидејќи голем дел од локалното население заминува на одмор, а постојат и повеќе алтернативни рути низ градот што можат да се искористат доколку е потребно.