
Фото: Принтскрин
Вицепремиерот Изет Меџити соопшти дека со новиот Предлог-закон за правична и соодветна застапеност, кој Владата го усвои на својата последна седница, вработувањето на Албанците во јавниот сектор станува законска обврска за институциите.
Меџити истакна дека овој предлог-закон претставува значаен исчекор во унапредувањето на етничката рамнотежа во државната администрација, при што првпат се воспоставува прецизна законска рамка за спроведување на уставната одредба за правична застапеност, која постои уште од 2001 година.
„Иако ова прашање требаше да биде регулирано со закон уште во 2003 година, повеќе од две децении остана заложник на политичката волја. Предлог-законот гарантира: Еднаква пристапност во вработување и унапредување во јавната администрација; Правична и соодветна застапеност на сите заедници во јавните институции, но и обезбедување вработувањето и унапредувањето да се вршат врз основа на заслуги и квалификации на секој поединец и создавање институционални и процедурни механизми за избегнување на дискриминацијата и за зајакнување на инклузивноста“, кажа Меџити.