
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, во изјава дадена за телевизија Канал 5 директно од Самитот на НАТО во Хаг, упати остри критики на сметка на бугарските власти и европратеници поради нивниот однос кон европскиот пат на Македонија.
– Жалосно е што дел од постапките на актуелната влада во Софија, како и на бугарските претставници во Европскиот парламент, создаваат впечаток дека се усогласени со наративот на Русија за дестабилизација на регионот. Најсигурен пат кон трајна стабилност на Западен Балкан е преку засилена европска перспектива за сите земји од регионот – нагласи Муцунски.
Според него, постапките на официјална Софија во последните месеци се показател за алармантен тренд кој, доколку продолжи, би можел сериозно да го наруши кревкиот мир на Балканот.