
Фото: Принтскрин
Во текот на вчерашниот ден, околу пладне, во близина на влезот во Струмица, на местото познато како „Крива река“, зад магацинот на шумското стопанство „Беласица“, било пронајдено безживотно тело на 19-годишниот М.А., ученик во завршна година во едно од средните училишта во градот.
Информацијата за трагичниот настан ја потврдија Основното јавно обвинителство Струмица и Секторот за внатрешни работи од истиот град. Надлежните институции веднаш излегоа на терен и започнаа увид.
Јавната обвинителка Виолета Милчовска изјави дека првичниот преглед на телото не покажал знаци на насилна смрт. Како што додаде, телото е испратено на обдукција, а во наредниот период се очекуваат и резултатите од токсиколошките анализи, кои треба да помогнат во утврдување на точната причина за смртта.
Истражните органи продолжуваат со собирање на информации и утврдување на сите околности поврзани со овој случај, кој ја потресе струмичката јавност.