
Фото: Принтскрин
Во Општата болница во Кочани, од утре започнува четиридневна медицинска евалуација на сите пациенти кои беа повредени во трагичниот пожар и кои беа хоспитализирани како во земјава, така и во странство.
Целта на оваа активност, како што појасни заменик-министерот за здравство Јовица Андовски на денешната прес-конференција, е да се направи детална проценка на актуелната здравствена состојба на секој поединечен пациент и да се утврди нивната потреба за понатамошна рехабилитација, медицинска грижа и психофизичка поддршка.
Прегледите ќе ги врши специјализиран медицински тим составен од лекари од повеќе здравствени институции: Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), Градската општа болница „8 Септември“, Специјалната болница „Св. Наум Охридски“, како и експерти од Клиниката за пластична хирургија и Клиниката за токсикологија.