
Фото: Принтскрин
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во синоќешното гостување во емисијата „Само интервју“ проговори за актуелниот случај што го потресе јавноста – инцидентот со братот на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Тој изрази благодарност до СДСМ за тоа што го обелоденила случајот, кој се однесува на сообраќаен прекршок и обид за манипулација со полициските процедури.
„Иако постои можност дел од опозицијата и претходно да биле запознаени со вакви инциденти, важно е што сега конечно ова прашање излегува на површина,“ изјави Тошковски.
Сепак, како што посочи министерот, проблемот не завршува тука. Во официјалниот полициски систем, на местото на вистинскиот сторител, биле внесени податоци на сосема друго лице – човек кој, според министерот, нема никаква поврзаност со настанот.
Од Одделот за внатрешна контрола веќе се води истрага, а според досегашните информации, и сообраќајниот полицаец и неговиот началник негираат дека имало притисоци или телефонски повици за прикривање на прекршокот. Истрагата е во тек и наскоро ќе биде утврдено што се случило.