
Фото: Врховен суд
Јавното обвинителство нема да покрене постапка против тетовскиот судија Ељведин Ферати, откако по спроведената проверка било утврдено дека не постојат елементи на кривично дело.
Според објаснувањето од надлежните обвинители, оценките што биле пречкртани во неговата документација се однесувале на предмети кои тој претходно повторно ги полагал, со што добил повисоки оценки.
Токму овие повисоки оценки му овозможиле на Ферати да ги исполни критериумите за пријавување на конкурсот за Академијата за судии и јавни обвинители.
„По поднесено известување од Државниот просветен инспекторат, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет и ја прибави целокупната документација од досието на наведениот студент од Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово и од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Во прилог на досието беа доставени и материјални докази – барања, решенија и пријави за повторно полагање, како и доказ за добиени оценки за четири предмети со кои Факултетот потврдува дека во 2014 година студентот ги преполагал испитите и добил оценки со кои го зголемил својот просек над 8,00, по што се пријавил за кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители. Ваквата информација на 31.01.2024 година Државниот универзитет во Тетово ја доставил и до Државниот просветен инспекторат, како дополнување на списите врз основа на кои бил изготвен Записникот за извршен инспекциски надзор во јуни 2023 година. Имајќи ги предвид доставените документи, јавниот обвинител кој постапуваше во предметот на 10.03.2025 година донесе резолуција со која констатираше дека не се исполнети елементите врз основа на кои би можел да преземе кривичен прогон по службена должност“, велат од Обвинителството за „Скопје1“.
Извор: Скопје1