
Стефан Бурназов бил на работна должност кобната вечер кога се случи трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животите ги загубија 59 лица. Судбоносната ноќ ја поминал на терен, сведочејќи ја несреќата која засекогаш го обележала градот и неговите жители.
Следниот ден, Бурназов бил заедно со својот близок колега и пријател, возачот на Итната медицинска помош, Иле Гоцевски, кој, по напорниот и тажен ден, се вратил дома и починал.
На социјалните мрежи, Бурназов емотивно се присети на тие моменти, истакнувајќи дека заедно со Иле 24 часа дале сè од себе.
„На раце ми останаа телата на безброј деца и млади, меѓу кои и двајца мои најдобри другари. Помагавме неуморно и без престан. Болката, траумата и сликата ќе ми останат врежани додека чука и моето срце. Почина колега кому треба споменик да му се направи. За мене, тој не беше само колега , тој е херој!“, напиша тој.