Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска на прес-конференција објави дека синдикалната минимална кошничка за јануари 2025 година изнесува 63.252 денари.
Оваа сума претставува зголемување од 391 денар во однос на минималната кошничка за декември 2024 година. Трендафилов истакна дека најголемиот раст е забележан во делот на трошоците за храна и пијалаци, каде што 63-те основни производи бележат зголемување од 123 денари.
„Загрижувачки е фактот што во текот на изминатата година, од јануари 2024 до јануари 2025 година, вредноста на трошоците за храна и пијалаци е зголемена за 10,43 проценти. Дополнително, поради тоа што овие алчни трговци одбија да ги намалат цените, вредноста на оваа категорија е реално зголемена за најмалку 20 проценти, земајќи ги предвид зголемувањето од 10 проценти и ненамалувањето од дополнителни 10 проценти. Ова значи дека за една година сме станале посиромашни за најмалку една петтина во овој дел од трошоците“, изјави Трендафилов.