Скопје и ова утро се најде меѓу десетте најзагадени градови во светот. Според податоците од платформата за мерење на аерозагадувањето „IQAir“, во 9:45 часот главниот град на Македонија беше рангиран на седмото место глобално и се издвојуваше како најзагаден град во Европа.
Нивото на штетни ПМ честички во воздухот изнесуваше 164 единици, што го сместува воздухот во категоријата „нездрав“. Според оваа класификација, таквото ниво на загадување може да има сериозни последици врз здравјето, особено кај ранливите групи, како што се децата, постарите лица и луѓето со респираторни или срцеви заболувања.
На листата на најзагадени градови, на првите три позиции се наоѓаат Дака, главниот град на Бангладеш, со индекс од 197, потоа Лахор во Пакистан со 180, и Делхи во Индија со 174.
Загадувањето на воздухот во Скопје останува сериозен проблем, кој предизвикува загриженост кај граѓаните.